Есента е идеалното време да ѝ дадеме сосема поинаква улога на сивата боја.
Од светлосива до графитна, таа може да биде основа за многу елегантни, модерни и впечатливи комбинации.
Сива и бордо
Ако сакате сивата да изгледа поразиграно додадете бордо. Сив капут со бордо џемпер, панталони или само чанта е одличен начин да се внесе длабока есенска боја без комбинацијата да стане премногу впечатлива. Сивата ја смирува богатата нијанса на бордото, а резултатот е елегантен и современ.
Сива и крем
За помек изглед, сивата одлично функционира со крем и слоновa коска. Светлосив џемпер со крем панталони, или сив капут преку крем плетиво, создава комбинација која изгледа чисто, ненаметливо и многу префинето. Особено убаво изгледа кога се комбинираат различни текстури.
Сива и кафеава
Сивата и кафеавата се доказ дека не мора секогаш да се држиме до црно-белите комбинации. Графитен капут со кафеави панталони, или сив џемпер со чоколадно кафеава чанта и чизми, создаваат топол и зрел изглед. Ова е одлична комбинација за есен, особено кога сакате стајлингот да изгледа елегантно, но природно.
Сива и темнозелена
Темнозелената е уште една боја која прекрасно се вклопува со сивата. Сиви панталони со темнозелен џемпер или сив блејзер над зелена кошула се одличен избор за оние кои сакаат есенски бои, но не сакаат класична палета од кафеава, беж и црна.
Сива и црвена
Понекогаш не е потребна цела комбинација во боја. Сив костум или едноставен сив капут може да изгледа сосема поинаку со црвена чанта, шал или балетанки. Така сивата останува главна, но добива малку енергија и карактер.

Сива од глава до пети
Ако сакате минималистички изглед, не мора воопшто да додавате друга боја. Комбинирајте светлосива, средносивa и графитна, а интересот создадете го преку различни материјали и кроеви. Сив капут, плетен џемпер и панталони во различни нијанси на сива можат да изгледаат многу поскапо и пософистицирано отколку што звучи на прв поглед.
