Есенските денови знаат да бидат вистински моден предизвик - наутро ви треба јакна, напладне ви станува жешко, а навечер повторно заладува.
Решението е во слоевите...
Лесна маичка и блејзер
Една од најлесните комбинации за вакво време е памучна маичка под добро скроен блејзер. Наутро блејзерот ве штити од студот, а кога ќе стане потопло, едноставно го носите преку рака. Со фармерки и мокасини добивате комбинација која е доволно удобна за секојдневните обврски, но сепак изгледа средено.

Кошула под лесен џемпер
Кога утрата се посвежи, а температурите во текот на денот растат, кошулата и тенкиот џемпер се одличен пар. Кошулата може да остане облечена ако се стопли, додека џемперот лесно се соблекува. Белата или светлосината кошула особено убаво изгледа со беж, сив или темносин џемпер.

Мантил над лесна облека
Ако наутро има вистинско есенско чувство, но знаете дека попладне ќе биде сончево, мантилот е практичен избор. Под него носете лесна блуза, маичка или кошула, наместо дебел џемпер. Така, кога ќе стане потопло, можете да го соблечете без остатокот од комбинацијата да ви биде претопол.

Тенок кардиган наместо дебел џемпер
Кардиганот е едно од најпрактичните парчиња за променливо време. Наутро го закопчувате, а кога ќе се стопли, само го соблекувате или го носите преку рамениците. Изберете модел од потенка плетка, бидејќи целта е да имате слој што ќе можете лесно да го отстраните.

А како со обувките?
Во вакви денови не мора веднаш да ги вадите најтоплите чизми од плакарот. Мокасини, балетанки или затворени ниски чевли можат да бидат доволни, особено ако попладневните температури се повисоки. Ако утрото е постудено, чорапите со малку подебела текстура можат да направат голема разлика.

← Претходен