Наместо секое утро да се прашувате што е модерно, што сте носеле вчера и што би можеле да облечете поинаку, вие едноставно знаете што ви стои и во што се чувствувате добро.
Токму тоа е uniform dressing или лична модна „униформа“. Не значи буквално да носиме иста облека секој ден, туку да имаме препознатлива формула на облекување која постојано ја повторуваме и ја менуваме со мали детали.
Не е исто што и носење иста облека
На прв поглед може да изгледа како досаден пристап - црни панталони, бела кошула, блејзер и така секој ден. Но, личната униформа не е толку едноставна. Една жена може секојдневно да носи фармерки, бела маица и блејзер, но еднаш да додаде мокасини, другпат чизми, голема чанта или впечатливи обетки. Основата останува, а деталите го менуваат изгледот.
Зошто жените го прават тоа?
Една од најголемите причини е едноставна - помалку одлуки наутро. Кога веќе знаеме дека одредена комбинација ни стои добро, не мора секој ден повторно да го решаваме истиот проблем. Наместо гардеробата да биде место полно со можности, таа станува практичен систем. Идејата е блиска со capsule wardrobe - добро избрани парчиња кои лесно се комбинираат и можат да се носат на повеќе начини.
Кога веќе знаеш што ти стои
Со годините многу жени подобро го запознаваат сопственото тело, но и својот карактер. Знаат дали се чувствуваат најдобро во широки панталони или во тесен крој, дали сакаат кошули, плетиво, фустани или блејзери и кои бои најчесто ги прават да изгледаат свежо. Тогаш модата престанува да биде потрага по нешто ново и станува начин да го повториш она што веќе знаеш дека функционира.

Uniform dressing не значи откажување од модата
Понекогаш токму кога ќе престанеме да ги следиме сите трендови, нашиот личен стил станува повпечатлив. Францускиот пристап кон таканареченото „uniform dressing“ одамна се поврзува со комбинации кои се едноставни, но, внимателно избрани и прилагодени на личноста. Наместо да се обидува да изгледа како некој друг, жената гради свој визуелен потпис.
Можеби токму затоа изгледаат толку добро
Кога гледаме жена која постојано носи слична силуета, боја или комбинација, со текот на времето почнуваме да го препознаваме тоа како нејзин стил. Тоа е разликата меѓу облекување според тренд и градење личен имиџ.
Помалку купување, повеќе носење
Личната модна униформа може да има и една многу практична страна. Кога знаеме што навистина носиме, полесно е да престанеме да купуваме парчиња само затоа што се моментално популарни. Наместо десет различни блузи кои едвај ги комбинираме, можеби ќе избереме две или три кои навистина ги носиме.
Како да создадете сопствена „униформа“?
Не треба веднаш да ја исфрлите половината гардероба. Само забележете кои комбинации најчесто ги избирате без многу размислување. Можеби тоа се фармерки и блејзер, панталони и кошула, плетен фустан и чизми или едноставна маица со широки панталони. Тоа е вашата почетна точка. Потоа пронајдете три до пет парчиња и една силуета во кои најмногу се препознавате и изградете ја гардеробата околу нив.
Понекогаш и не треба премногу размислување
Uniform dressing не е правило дека треба да носиме исто. Тоа е идејата дека не мора секој ден да измислуваме нова верзија од себе. Ако добро скроениот блејзер, омилените фармерки, белата кошула или црните панталони прават да се чувствуваме како најдобрата верзија од себе, нема причина да ги оставиме во плакар само затоа што сме ги носеле минатата недела.