Леопард и аквамарин во фокусот
Во филмот од 1998 година Практична магија (Practical Magic), сестрите Овенс кои ги играат Сандра Булок и Никол Кидман имаа многу различни лични стилови. Додека добрата девојка Сали, ликот на Булок, носеше нежни цветни дезени, светли бои и удобни плетива, „лошата девојка“ Џилијан, ликот на Кидман, се определуваше за мини slip-фустани, впечатливи дезени и топови што го откриваа стомакот.
На првата голема премиера на продолжението Practical Magic 2 во Лондон, Булок и Кидман повторно ги привлекоа погледите, но овојпат не преку таканареченото „method dressing“ – облекување инспирирано директно од ликовите што ги играат. (За тоа се погрижи нивната колешка Џои Кинг.) Наместо тоа, двете како да ги заменија улогите преку своите изгледи на црвениот тепих во киното Odeon Luxe Leicester Square.
Во еден од нејзините највпечатливи модни избори досега, Булок се одлучи за асиметричен фустан без прерамки од колекцијата на Givenchy за есен 2026 година, прекриен со драматичен леопардов дезен. Дури и огромната машна, која се издвојуваше над здолништето со шлиц го продолжуваше мотивот на животинскиот принт.

Во споредба со нејзините претходни појавувања на црвениот тепих, леопардовиот фустан од Givenchy претставуваше прилично смел пресврт за Булок. Таа никогаш не избегнува впечатливи бои, па дури и нивна комбинација, но принтовите се релативно ретки во нејзината модна архива. Сепак, пред две години, во едно неформално издание во Њујорк, носеше крзнен капут со леопардов принт преку црна маица и фармерки.
Можеби токму тој интерес го однел изборот кон најновата колекција на креативната директорка Сара Бартон за Givenchy, во која животинските принтови имаа значајно место. На ревијата, моделот кој ја носеше истата креација имаше и соодветна чантичка целосно прекриена со крзно. Булок, сепак, се откажа од комплетирањето на изгледот со истата чанта и наместо тоа избра дијамантски ѓердани со копчиња на задниот дел, мали обетки во форма на алка и прстен во форма на змија од лондонската дизајнерка Џесика Мекормак. Изгледот го заокружи со чевли со Т-прерамка.

Во меѓувреме, Никол Кидман и нејзиниот стилист Џејсон Болден повторно соработуваа со Chanel за креирање на специјален фустан, овојпат како да излегол директно од гардеробата на „добрата вештерка“. Нежната аквамарин нијанса, мекото деколте во форма на срце, светкавите детали и низите бисери внимателно поставени преку корсетот создаваа речиси етеричен ефект.

Фустанот имаше и висок шлиц, кој намерно ги откриваше нејзините металик-златни чевли со тенка прерамка околу глуждот. Кидман и на други големи модни настани во 2026 година, вклучувајќи ги Оскарите, забавата на Vanity Fair по Оскарите и Met Gala се појавуваше во блескави Chanel креации.
Како дополнување на изгледот, актерката носеше долги златни обетки и сребрен часовник, најверојатно исто така од Chanel.
За обожавателите на Practical Magic било јасно уште од април 2026 година дека сестрите Овенс нема да се појавуваат координирано за време на промотивната турнеја на продолжението. На CinemaCon, Кидман се појави во впечатлив slip-фустан со „вештерски“ призвук, додека Булок носеше структуриран костум во интензивна доматноцрвена боја.
Но што кажуваат нивните различни изгледи на црвениот тепих за самиот филм?
Очигледно е дека Сали и Џилијан, а особено нивните облеки и 27 години подоцна остануваат целосно препознатливи и различни една од друга.