Кога уредуваме дневна соба, често се обидуваме завесите, тепихот и перниците да бидат во иста боја.
Но,токму тука лесно се прави грешка, ако сите три елементи се идентични, просторот може да изгледа како од каталог. Затоа фокусот треба да се стави на координирање преку боја, текстура или дезен. Вака елементите се поврзани, но не се копија еден на друг.
Почнете од тепихот
Тепихот често е најдобрата почетна точка бидејќи зафаќа голема површина и визуелно го „закотвува“ просторот. Ако веќе имате тепих што ви се допаѓа, изберете една или две негови нијанси и повторете ги дискретно преку перниците или завесите.
Не користете иста шара насекаде
Ако тепихот има изразен геометриски дезен, завесите не мора да имаат исти линии, ниту перниците исти квадрати. Многу поинтересно изгледа кога ќе комбинирате еден понагласен дезен со посмирени мотиви и еднобојни ткаенини. На пример, шарен тепих може да се надополни со еднобојни перници и завеси со многу суптилна текстура.
Користете една заедничка боја
Еден од најлесните начини различните елементи да изгледаат како дел од ист простор е да им дадете една заедничка боја. На пример, ако тепихот има беж, темносина и кремаста нијанса, перниците можат да бидат темносини и крем, додека завесите да останат неутрални. Така бојата се повторува, но не премногу очигледно.
Играјте си со текстурите
Токму различните текстури можат да направат дневната соба да изгледа послоевито и потопло. На пример, лесни ленени завеси можат да се комбинираат со волнен или плетен тепих и кадифени или памучни перници. Кога материјалите се различни, дури и неутралната палета може да изгледа богато и интересно.
Ако тепихот е еднобоен тогаш можете да си дозволите малку повеќе слобода со перниците. Едноставен беж, крем или сив тепих е одлична основа за перници со пруги, цветни мотиви, геометриски детали или различни текстури. Завесите може да останат еднобојни, но во малку поинаква нијанса од тепихот.

Најубаво уредената дневна соба не е онаа во која сè се совпаѓа до последен детаљ. Многу поприродно изгледа просторот во кој боите се повторуваат, но материјалите, дезените и нијансите се малку различни. Токму тие мали разлики ѝ даваат на просторијата карактер и чувство.