Со јасна сигурност и естетска самоувереност што не бара дозвола, најпознатиот македонски моден бренд ELENA LUKA уште еднаш покажа зошто неговото име одамна е запишано на мапата на интернационалната мода.
Во амбиент што зрачеше со достоинствен луксуз, брендот ја претстави својата нова луксузна бизнис колекција, дополнета со ултрамодерни бунди и софистицирани капути од кашмир – ревија што не беше само визуелен спектакл, туку и јасна модна изјава.
Г-ѓа Елена Лука, сопственичката и креативниот директор која стои на чело на ELENA LUKA групацијата присувствуваше на самото елитно доживување. Како македонски моден амбасадор и жена која остави и остава траен белег во македонската мода поставувајќи стандарди и овде и пошироко, најдобро ја долови колекцијата и целата естетика:
-„Подготвивме внимателна и квалитетна презентација на нашата нова колекција, наменета за успешни бизнис жени, но и за жени кои свесно и квалитетно го живеат животот. Покрај бизнис-костимите, фустаните и капутите од кашмир, особено внимание привлекоа бундите од вештачко крзно. Станува збор за еко-крзно од најсофистицирана категорија – материјал кој ниту визуелно ниту по чувство не асоцира на пластика, туку на вистински луксуз. За мене беше исклучително убаво на едно место да ги видам моите пријатели и лојални консументи на брендот, од кои многумина овојпат се појавија и во улога на модели. Колекцијата бараше вистински, квалитетни жени, а не професионални манекенки – затоа што тие, носејќи ги парчињата, внесоа свој карактер и дел од својата личност, исто онака автентично како што ги носат и во секојдневниот живот. Тоа беше убавина составена од силни, изградени и дефинирани жени. Верувам дека и идните колекции ќе продолжат во истиот дух, бидејќи токму ваквите жени најдобро можат да го доловат и пренесат идентитетот и духот на брендот — изјави Елена Лука за FASHIONEL.
И токму така. Настанот доби посебна тежина со присуството на познати дами од општествениот и јавниот живот во Македонија – жени со стил, интегритет и став, кои одамна се лојални почитувачи на брендот. Многу од нив овојпат не беа само гости, туку и модели, носејќи ги креациите со природна елеганција и автентичност што не може да се научи, туку се живее. Токму оваа симбиоза меѓу креацијата и жената е една од најсилните вредности на ELENA LUKA.
Колекцијата плени со перфекционистички шарм – костими кои прецизно ја следат линијата на телото, изработени од материјали што создаваат чувство на мекост, комфор и суптилна моќ. Доминираа панталоните со беспрекорен крој, палтата со јасна архитектонска форма, како и кошулите од свила и сатен кои ја носат онаа тивка сензуалност што никогаш не преминува во претенциозност. Сè е таму каде што треба да биде – ништо повеќе, ништо помалку.
Вистинскиот „зачин“ на ревијата беа фантастично изработените бунди од вештачко крзно, во богата палета на бои и различни должини. Очигледна е внимателната студија на формата и функционалноста – бунди кои не се само ефектни, туку и лесно вклопливи во различни стилови и пригоди. Тие не доминираат над облеката, туку со неа водат интелигентен дијалог.
Капутите од кашмир, пак, се посебна модна приказна. Тие го отелотворуваат духот на ELENA LUKA – постојан стремеж кон перфекција, дисциплиниран луксуз и детали кои се ненаметливо, но моќно вметнати. Тука нема случајност: секој шав, секоја линија има своја функција и естетска логика. И чантите од вештачко крзно беа внимателно осмислени како силен, но суптилен акцесоар што ја заокружува целината.
Особено значајно е што сите парчиња од колекцијата се достапни во различни големини и можат да се изработат по мерка – луксуз кој ретко се нуди, а уште поретко по цени прифатливи за македонскиот стандард. Тука критичкиот осврт е јасен: ELENA LUKA умее да ја демократизира елеганцијата, без да ѝ го одземе достоинството.
Со оваа колекција, брендот создаде питом гламур и интелигентен луксуз, креации што не се врзани за моментален тренд, туку се замислени како безвремени парчиња што ќе живеат долго во гардеробите на жените со стил. Воодушевувањето кај гостите – бизнис дами, професорки, сопруги на амбасадори – беше искрено и гласно. Секоја од нив потенцираше дека оваа колекција е уште едно врвно остварување на брендот и токму она што им е потребно за различни настани, од дневни до високо протоколарни.

ELENA LUKA уште еднаш докажа дека вистинската мода остава длабок впечаток и трага која трае…
Н.Т