Последната колекција на Џорџо Армани: Снимена во неговиот дом! Сè потсетува на него…

Погледнете ја трогателната модна приказна за пролет 2026 година, која претставува интимно збогување и визуелен тестамент на неповторливиот Џорџо Армани.

Со неизмерна возбудува и доза на длабока почит секогаш го дочекуваме сето она што го носи потписот на неповторливиот Џорџо Армани. Сепак, веста за новата кампања за пролет 2026 година нè израдува, но и длабоко нè допре, бидејќи не очекувавме уште едно поглавје од неговата импресивна кариера да го видиме во ваква интимна, оголена и искрена форма.

Ова визуелно дело носи посебна тежина, бидејќи ја претставува последната модна колекција што легендарниот дизајнер целосно ја осмисли пред својата смрт, на 4 септември. Во чест на неговото наследство и визија, тимот на модната куќа донесе одлука без преседан. За првпат во историјата на брендот, кампањата е снимена во приватната резиденција на Армани, во прочуената миланска улица Виа Боргонуово.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Giorgio Armani (@giorgioarmani)

Пред објективот на фотографот Оливер Хадли Пирч се најдоа моделите Виторија Черети и Клеман Шаберно, опкружени со лични предмети на самиот креатор. Сценографијата пулсира со живот, кадрите откриваат скулптурални парчиња мебел, паравани со азиски мотиви кои Армани особено ги обожуваше, црни полици натежнати од книги и меки беж софи поставени покрај каминот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Giorgio Armani (@giorgioarmani)

Иднина што го почитува минатото

Модната приказна испраќа моќна порака за континуитет, иднината на брендот останува нераскинливо поврзана со неговото минато. Симболиката е дополнително засилена со фактот дека Лео Дел’Орко, долгогодишниот соработник на Армани и дизајнер на машката линија, продолжува да живее во овој стан, потврдувајќи дека токму тоа е просторот каде што креативноста сè уште живее.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Giorgio Armani (@giorgioarmani)

Облеката, обележана со препознатлива флуидност, совршено се вклопува со амбиентот и тече низ ентериерот, додека моделите се движат низ апартманот како гости свесни дека стануваат дел од историјата.

Овие сцени суптилно нè повикуваат да ги забележиме деталите, начинот на кој светлината паѓа врз ткаенината или дијалогот помеѓу уметничките дела на ѕидовите и силуетите на облеката. На крајот, кампањата за пролет 2026 година делува помалку како реклама, а многу повеќе како филозофска лекција за тоа како се заминува- со стил.

Н.Т