Лустери, огледала и фустани што изгледаат како од друг свет: Ричард Квин направи модна бајка во Лондон

Лустери, огледала, цвеќе и 80-тите, моден спектакл во Лондон што изгледа како најгламурозната забава на сезоната

Ричард Квин со колекцијата Spring/Summer 2027 не направи само ревија, создаде цел свет на хипергламур, драматични вечерни фустани и раскош каков што ретко се гледа на современите модни писти

Лондонската недела на мода моментално се движи во полн ритам, но Ричард Квин реши да направи нешто што веднаш го издвојува неговото шоу од останатите. Наместо минимализам, тишина и дискретен луксуз, британскиот дизајнер понуди спротивност, огледала, кристални лустери, раскошни вечерни фустани, огромни силуети, цвеќе, пердуви, кристали и гламур инспириран од 1980-тите. 


И не, лустерите не биле само декор.

Целата сценографија била замислена како продолжение на приказната на колекцијата, која го носи името „The Mirrored Garden“. Просторот беше трансформиран во своевиден луксузен приватен салон, со огледални површини и лустери кои ја рефлектирааа светлината и ја претвораа секоја појава на пистата во мал театарски момент. The Impression ја опишува атмосферата како поглед во интимниот свет на клиентите кои доаѓаат во ателјето за bespoke креации, додека лустерите ја пренесуваат приказната од моментот на облекување до балската сала во која фустанот треба да биде виден. 


Тоа е суштината на новата колекција.

Не само што ќе облечете, туку и како изгледа целиот ритуал пред да излезете од дома.

Кога облекувањето станува спектакл

Ричард Квин одамна е препознатлив по својот максималистички пристап кон вечерната мода, но за пролет/лето 2027 тој дополнително го засилува својот потпис.


Самопишувајќи ја естетиката како „hyper-glamour“ инспириран од 1980-тите, Квин се враќа во ерата во која гламурот не се криеше. Напротив, требаше да биде видлив, драматичен и речиси претеран. Силни раменици, нагласени половини, големи машни, долги здолништа, висок сјај, богати материјали и раскошни украси ја градат колекцијата.


И токму затоа пистата изгледаше како да излегла од некој фантастичен приватен бал.

Квин претстави повеќе од 40 свечени креации, при што вечерниот фустан повторно е апсолутен центар на неговиот дизајнерски свет. Vogue забележува дека неговите ревии веќе имаат карактер на своевиден социјален спектакл, клиенти од Лондон доаѓаат облечени во неговите креации, претворајќи ја самата ревија во продолжение на неговиот свет на гламур и големи прилики.


Кадифе, сатен, пердуви, кристали и цвеќе

Ако постои една работа без која Richard Quinn речиси и не може да се замисли, тоа се неговите цвеќни мотиви.

И во оваа колекција тие повторно се присутни, но во комбинација со уште понагласена вечерна драматика.

На пистата се појавуваат богати кадифени силуети, сјаен сатен, дантела, цветни апликации, богати везови и Swarovski кристали, додека пердувите дополнително го зголемуваат волуменот и движењето на некои од фустаните. 


Особено интересна е играта со материјалите.

Кадифето носи тежина и длабочина. Сатенот ја фаќа светлината и ја следи фигурата. Кристалите го претвораат движењето во блесок. Пердувите создаваат мекост и волумен. А цветните мотиви внесуваат романтична спротивност на целата таа театралност.

Наместо еден материјал да доминира, Квин ги спојува во богат, речиси оперски визуелен јазик.


Силуетата се враќа во големиот вечерен фустан

Квин не се задржува на една форма.

Има тесни, издолжени фустани кои ја следат фигурата, широки здолништа кои се отвораат во огромен волумен, структури со нагласени раменици, долги шлепови и креации чиј волумен буквално ја зазема пистата.

Некои изгледаат како да се создадени за црвен тепих.

Други како да се создадени за бал.

А трети како да не припаѓаат на ниту еден реален настан, туку на некој измислен свет во кој секое излегување е премиера.


Еден жолт фустан веќе изгледа како идна ѕвезда на црвениот тепих

Меѓу највпечатливите моменти е долгиот жолт фустан со карактер на наметка, комбиниран со драматични ракавици до над лактот.

Оваа силуета веднаш го има оној квалитет што модата го бара од големиот вечерен фустан да може да се препознае од далечина.


Жолтата боја дополнително го нагласува ефектот, додека долгите ракавици ја продолжуваат линијата на рацете и создаваат впечаток на стара холивудска гламурозна ера, но во многу посмела и посовремена верзија. 

Во колекцијата се појавува и син сатен, додека црната и слонова коска се меѓу доминантните тонови. Повремено се појавуваат жолти и розови акценти преку цветни апликации и декоративни елементи. 

Ракавиците повторно се задолжителен дел од приказната

Речиси секој изглед е третиран како комплетен ансамбл.

Долги опера ракавици, впечатливи обувки, накит и внимателно избрани додатоци не се додадени на крај, тие се дел од целата визија.

Особено интересен контраст се појавува кога раскошните вечерни фустани се комбинираат со високи, тесни чизми, вклучително и латекс модели. Токму тие внесуваат малку провокација во инаку класично гламурозниот свет. 


Тоа е еден од начините на кои Квин го спречува влијанието на 1980-тите да изгледа како обична ретро реконструкција.

Тој зема од минатото, но го стилизира за жена која живее денес.

А потоа доаѓа Хелена Кристенсен

И како секој вистински спектакл, шоуто мораше да има финале.

На пистата се појави Хелена Кристенсен, која ја затвори ревијата во спектакуларна креација со богати цветни детали. Нејзиното појавување даде дополнителна тежина на целата презентација, супермодел од ерата на големите модни спектакли затвора колекција инспирирана токму од времето кога гламурот беше една од најголемите вредности на модата.


Нејзиниот излез изгледаше како совршена точка на приказната.

Цвеќе. Кристали. Волумен. Драма. Лустери. И жена која изгледа како да излегла од златната ера на супермоделите.

Ричард Квин одбива да ја намали модата

Во време кога голем дел од индустријата сè уште зборува за минимализам, тивкиот луксуз и практичноста, Ричард Квин оди во сосема спротивна насока.

Кај него повеќе значи повеќе. Повеќе волумен. Повеќе светлина. Повеќе цветови. Повеќе кристали. Повеќе драматика. Повеќе фустан.

И токму затоа неговото шоу изгледа толку различно во рамките на актуелната Лондонска недела на мода.

Квин не се обидува да ни каже дека жената треба да се облекува ненаметливо. Неговата Spring/Summer 2027 колекција ја враќа идејата дека постои облека која е создадена за моментот кога влегувате во просторијата и сите погледи се свртуваат кон вас.

Тоа е мода за црвен тепих, свадба, бал, премиера, гала-вечер, но и за секоја жена која не сака нејзината појава да помине незабележано.

Затоа „The Mirrored Garden“ не е само колекција.


Тоа е фантазија за облекувањето.

Сценографијата со огледала и лустери го претвора моментот пред излегувањето во спектакл. Фустаните го продолжуваат тој спектакл на телото. А светлината, кристалите, сатенот, кадифето и цветовите го довршуваат.

Ричард Квин едноставно нè потсетува на нешто што модата понекогаш го заборава:

не секоја облека мора да биде практична. Некои фустани постојат за да направат момент што ќе се памети.