Јованка Орлеанка или спомени од минатото? Њујоршката модна недела со нови предизвици

Кога ќе се спомне Марк Џејкобс, неизбежно се отвора темата за неговата култна колекција пролет 1993 за Perry Ellis. Контроверзна во своето време, таа го донесе гранџот во прв план и го етаблираше Џејкобс како дизајнер кој не се плаши да оди по сопствен пат, без разлика на прифаќањето или критиките. Триесет и три години подоцна, таа писта сè уште одекнува, служејќи како една од многуте инспирации за неговата колекција пролет 2026.

Насловена како Memory. Loss, колекцијата е медитација за протокот на времето и начинот на кој спомените го обликуваат нашиот идентитет, како и нашите сегашни и идни одлуки. Подостапна од неколкуте претходни сезони, во кои Џејкобс експериментираше со авангардни форми, оваа колекција претставува враќање кон она што тој најдобро го знае, женствена облека со доза на игривост, но цврсто вкоренета во реалноста.

Презентацијата се одржа во Park Avenue Armory, пред Њујоршката модна недела, служејќи како неофицијален почеток на интензивниот седумдневен моден маратон. Колекцијата беше исто толку динамична, 39 изгледи продефилираа на сцената. Со музичка подлога од Björk- Jóga, Џејкобс црпеше инспирација од различни извори. И, како што може да се очекува, не ги криеше своите референци.

Колекцијата не беше заробена во минатото. Отворањето со сив, сериозен џемпер вметнат во скулптурално пенсил здолниште, комбиниран со чизми до колено, беше суптилен поклон кон минимализмот на 90-тите, истовремено свеж и актуелен. Јакна со ниско струкирано здолниште, носена од Алекс Консани, дискретно се надоврза на современите трендови, но изгледаше како совршен спој меѓу естетиките на Марк и Миуча Прада.

Потоа следуваа гранџ карирани дезени претворени во комплети, кои му дадоа зрелост и сериозност на мотивот.

На средината од шоуто, тонот премина во вечерна мода, мини-фустани, светкав топ комбиниран со тесно, скулптурално здолниште, потсетник дека Џејкобс обожава боја и забава. Истата таа златна радост се гледаше и во кошулите со монистра и карнери, вметнати во проѕирни долни делови, сигурен избор за црвениот тепих кај неговите славни обожаватели.

За финале, Џејкобс ја заокружи приказната со крути сатенски кошули и соодветни здолништа во пастелно розова и сина боја. Зрело? Да. Носливо? Апсолутно. Досадно? Никако. Совршен почеток на Њујоршката модна недела — со насмевка.

Од друга страна, Ралф Лорен ја отвори Њујоршката недела на модата со кралско-бунтовнички шик

Величествена колекција што спојува кралска елеганција и бунтовнички дух, инспирирана од француската ренесанса. Ревијата беше поставена во импозантна историска зграда во долен Менхетен, на Бродвеј- сцена достојна за моден спектакл со историска тежина.

Колекцијата Fall–Winter 2026/27 за жени носеше елементи на Дајана де Поатје, Полето на златната ткаенина, суптилен дух на Стогодишната војна и силна доза од Јованка Орлеанка, моќен и поетичен моден вовед во сезоната во Менхетен.

Сè беше откриено во реномираната Clock Tower Building чија балска сала со богато резбан дрвен таван изгледаше како да е нарачана од Франсоа I, еден од првите ренесансни владетели на Франција. Иронично, целата улица покрај зградата го носи името Catherine Lane- асоцијација на Катерина де Медичи, единствената жена што владеела со Франција, чии легендарни плисирани јаки се појавија во неколку модни интерпретации.

По ревијата, на елегантна вечера во неговиот ресторан Polo Bar, Ралф Лорен објасни дека сакал „наклон кон историјата“, наменет за клиенти кои бараат „шик прагматизам со емотивен набој“.

Ревијата започна со спектакуларен крој, совршено изработени костими, често комбинирани со високи чизми до колена со ремени, налик на Јованка Орлеанка подготвена за битка против силите на Хенри VI.

Беспрекорно скроени јакни, блејзери изработени од необични материјали, груб Donegal твид, извонредни жакарди, богато везени свили. Често палтата и јакните беа надополнети со кашмирски шалови, создавајќи скулптурална силуета.

Луксузната палета на материјали ја нагласуваше благородноста на колекцијата, кадифе, принтови инспирирани од марами, разновидна кожа со необични текстури, како и чисто, нефилтрирано кадифе. Токму тоа, во фустани со отворен грб, зрачеше со речиси луминисцентен сјај во финалето.

На моменти се појавуваа и алузии на воени оклопи и градни плочи, но изработени од ултралесни металик ткаенини, скулптурално обликувани околу торзото- Јованка Орлеанка на моќен деловен ручек.

Колекцијата беше претставена од исклучителна модна екипа, со отворање од Бела Хадид, облечена во твид елек и долго здолниште, што предизвика воздишки од првиот ред каде седеа: Ен Хатавеј, Лана Дел Реј, Емилија Џонс, Лили Рајнхарт, Ребека Хол, Кејт Лав, Џоан Смолс и Ајми Сонг.

Манекенките се спуштаа по величествено кружно скалило и чекореа по тепихот на импровизираната писта во балската сала.

Ова беше извонреден, елегантен и неочекуван израз на Ралф Лорен, дизајнер чија модна ДНК е меѓу најмоќните и највлијателни во американската модна историја.

Н.Т