НА КАФЕ СО ДЕДО МРАЗ! ЕПИЗОДА 2: ТАМАРА И ЖЕЛБАТА ЗА СЕМЕЈСТВО

Во духот на празниците и магијата што ги буди зимата, FASHIONEL го лансира новиот ексклузивен серијал „На кафе со Дедо Мраз“ – рубрика што ќе ве води низ најубавите, најискрените и најчовечките разговори на нашата платформа.
„На кафе со Дедо Мраз“ не е обичен интервју-серијал. Тоа се топли, мудри и понекогаш неочекувано длабоки разговори помеѓу Дедо Мраз и различни ликови од сите возрасти, професии и животни приказни. Некогаш тој советува. Понекогаш само слуша. А најчесто ги води нашите соговорници да погледнат малку подлабоко во себе, да препознаат што е важно, да постават цели, да ги одложат стравовите и да остават простор за љубов, храброст и личен раст.
Овој серијал се однесува на секој од нас.
На мајките што се борат да стигнат секаде,
на татковците што молчат повеќе отколку што зборуваат,
на младите што бараат насока,
на бабите и дедовците што носат цели животи во своите приказни,
на пријателите што можеби имаат прашања, желби, таги или надежи кои нема секому да ги кажат.
Секој што сака да сподели нешто со Дедо Мраз, да му напише, да праша, да побара совет или едноставно да ја излее својата мисла е добредојден.
Вашите писма, прашања и желби испратете ги на:
📩 dedo.mraz@fashionel.mk
или
📥 приватна порака на нашите социјални мрежи.
Дедо Мраз одговара веднаш – на писма од наши пријатели, мајки, баби, стрини, сестри… и на секој што ќе му се обрати со искрено срце.
Во рубриката „На кафе со Дедо Мраз“, сите овие гласови се претвораат во еден магичен простор што FASHIONEL го отвора за својата публика: простор за дијалог што понекогаш станува огледало на нас самите. Разговори што инспирираат, лекуваат, охрабруваат и нудат нови перспективи – токму таму каде што најмалку очекуваме.
Ве повикуваме:
пишете му на Дедо Мраз. Споделете. Прашајте. Побарајте.
Можеби токму вашата приказна ќе ја отвори следната епизода на нашиот празничен серијал.
Магијата започнува тука.
Добредојдовте На кафе со Дедо Мраз – само на FASHIONEL.mk.

ЕПИЗОДА 2:

Тамара има 34 години. Убава, умна, успешна, и што би рекле по скопски скроз женски фраер.

Тамара сонува за  едно мало, семејно гнездо.

Но тоа никако бе значи брак под притисок, затоа што такви се сфаќањата на системот, затоа што така треба, затоа што тетките и стринки постојано прашуваат кога ќе се мажиш, затоа што бла, бла, бла… Тамара не сака дете за да се натпреварува,  изедначува и заличува со другите, туку да се реализира во семејство што ќе мириса на љубов, а не на норми.

Затоа, Тамара седна на кафе со Дедо Мраз.

👩‍🦰 ТАМАРА:

„Дедо Мраз, веднаш да прејдеме на целта на моето кафе со тебе. Знам дека си добар и шириш добрини, па не те ни прашувам за твоето здравје туку барам од тебе здрав совет. Ти си ми последна надеж што ја имам оваа година.“

🎅 ДЕДО МРАЗ:

„Ќерко, ако јас сум последна надеж, тогаш изминатата  година ти била турбулентна и сега сакаш мирно кафе со арома на надеж.“

👩‍🦰 ТАМАРА:

„Сакам семејство. Сакам да свијам свое гнезденце. Не сакам паника, не сакам притисоци, не сакам ултиматуми, норми, правила, конформизам…

Сакам топол дом, мала квадратура но со голема перспектива, поглед кон нормалната страна на светот и мнооогу светлина!

Арно ама, во тоа гнезденце треба да се вгнезди вистинската личност. Не сакам птици преселници и авантура за  две- три  недели.“

🎅 ДЕДО МРАЗ:

„Убаво е што првин бараш дом, а не дечко. Домот е таму каде ти е срцето,  таму каде срцето спокојно спие… Во таков дом никого не треба да убедуваш дека треба да остане.“

👩‍🦰 ТАМАРА:

„Да, ама сите околу мене се  венчаваат, здомуваат,  раѓаат, се собираат на мекици,  крштевки и родендени…

А јас? Јас собирам декоративни чаши, магнети од разни градови и надежи.“

🎅 ДЕДО МРАЗ:

„Не се секирај. Чувај го најважниот магнет, твоето срце.

Понекогаш најдобрите приказни почнуваат таму каде што најдолго се чекало, а не кај оние што најбргу се согласиле.“

👩‍🦰 ТАМАРА:

„А ќе ми дојде ли вистинскиот? Или да си земам мачка за секој случај ?“

🎅 ДЕДО МРАЗ:

„И мачката е добра идеја, ама знам дека не ти е тоа поентата.

Вистинскиот ќе дојде кога ќе сфатиш дека не ти треба, туку дека го сакаш без потреба. Кога ќе сакаш некого од внатре, од дното на душата, а не од површни желби. Кога ќе сакаш да делиш живот, а не страв.“

👩‍🦰 ТАМАРА:

„А што е со годините? Нели часовникот сурово чука и одбројува?“

🎅 ДЕДО МРАЗ:

„Ќерко, часовникот не е казна, часовникот е живот.

Бројчаникот е само потсетник дека треба да ги правиш работите кога ќе научиш да броиш трпеливост, кога мирно ќе ги следиш сказалките како патокази, и кога  бидеш подготвена, а не кога ќе бидеш исплашена.

Твојот живот не е календар, ниту  трка.“

👩‍🦰 ТАМАРА:

„А што да правам додека не се појави вистинскиот?“

🎅 ДЕДО МРАЗ:

„Почни да го градиш домот, првин  емоционално, а потоа просторно.

Кога ќе бидеш дом сама за себе, лесно ќе препознаеш кој е гостинот, а кој е дел од животот.“

ПОУКА:

Семејството не почнува со „статус“,

туку со срце.

Кога ќе дојде вистинската личност

ќе ти биде јасно зошто ништо претходно не вредело…

Автор: ДЕДО МРАЗ